Директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, во изјава за државната телевизија РТС, ја изнесе официјалната позиција за настаните што синоќа се случија во Врбас и Бачка Паланка, каде што избувнаа насилни судири во кои биле повредени вкупно 70 лица. Од нив, 16 се полициски службеници, а 52 граѓани побарале лекарска помош.
Според Васиљевиќ, причината за инцидентите била тоа што групи граѓани дошле со „очигледна намера“ да предизвикаат конфликт со симпатизерите на Српската напредна странка (СНС), кои во тој момент се наоѓале пред партиските простории во двата града. Тој нагласи дека присутните членови и поддржувачи на СНС не излегле со намера да предизвикуваат инциденти, туку, како што вели, „само стоеле пред своите простории“ и реагирале во одбрана кога биле нападнати.
Васиљевиќ изјави дека „вистината е само една – некој дошол да нападне простории на Српската напредна партија“ и додаде дека полицијата ќе преземе мерки за целосно расветлување на инцидентите и утврдување на сите одговорни лица.
Официјалните информации од МВР на Србија укажуваат дека во моментот на собирањето, пред партиските простории на СНС веќе имало стотици симпатизери, а напрегнатата атмосфера брзо ескалирала во физички судири.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).