Крај на ерата на Додик? Судот во БиХ пресече – претседателската фотелја во РС е празна!

Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик, со што стана правосилна одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) за негово разрешување од функцијата претседател на Република Српска. Оваа одлука, донесена од Апелацискиот совет на Судот на БиХ, практично го остави Додик без мандат и отвори ново поглавје во политичката историја на овој ентитет.

ЦИК потврди дека судот немал законска основа да ја прифати жалбата на одбраната на Додик, бидејќи Изборниот закон на БиХ јасно пропишува: секој функционер кој е конечно осуден на затворска казна подолга од шест месеци, автоматски го губи својот мандат. Во јули годинава, Додик беше осуден на една година затвор поради одбивање да ги спроведе одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, што доведе до реакција на ЦИК кој веднаш иницираше одземање на неговиот мандат добиен на изборите во октомври 2022 година.

Со оваа правосилна одлука, создадени се сите услови ЦИК да распише предвремени избори за претседател на РС, кои според законските процедури мора да се одржат во рок од 90 дена. Тоа значи дека граѓаните на Република Српска на есен повторно ќе излезат на гласање и ќе одлучуваат кој ќе биде нивниот нов лидер.

И покрај ваквиот судски епилог, Милорад Додик остана непопустлив. Во понеделникот, пред објавување на пресудата, тој одржа говор во Бања Лука во кој тврдеше дека нема намера да се повлече од функцијата. Напротив, тој најави серија референдуми преку кои планира да го започне процесот на отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина. „Се ставам на чело на народното движење за ослободување на РС од БиХ“, изјави Додик, додавајќи дека нема да дозволи отворање на избирачки места во ентитетот за избор на нов претседател. Со ваквата најава, тој повторно ризикува да ги прекрши законите и повторно да се соочи со дополнителна кривична одговорност и нова затворска казна.

ИНТЕРЕСНО:  ТРАГЕДИЈА ВО ЦРНА ГОРА: Војник загина во борба со пламенот, Европа гори под пеколни температури

Опозициските партии во РС реагираа брзо и соопштија дека се подготвени да учествуваат на предвремените избори. Според нив, ваквиот развој на настаните може да ја отвори вратата за конечно политичко преструктурирање во ентитетот. Единствениот што засега калкулира е Драшко Станивуковиќ, лидерот на Партијата за демократски напредок (ПДП) и актуелен градоначалник на Бања Лука. Политичките аналитичари предупредуваат дека тој можеби е „резервен играч“ на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој би сакал да го види како наследник на Додик на чело на Република Српска.

Одлуката за разрешувањето на Додик отвора нова политичка реалност во БиХ – на една страна е институционалниот притисок за почитување на законите и владеење на правото, а на другата се заканите за референдуми и можни тензии што би можеле да ја доведат земјата во нова криза. Како ќе се развиваат настаните во наредните недели, останува неизвесно, но јасно е дека политичката сцена во Република Српска и цела Босна и Херцеговина влегува во нова, турбулентна фаза.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО