Албанскиот премиер Еди Рама повторно ја изненади јавноста со својот четврти мандат и новиот владин кабинет „Рама4“. Во Националното собрание на Социјалистичката партија, тој ја претстави првата министерка во светот создадена со вештачка интелигенција – виртуелниот бот со име Диела, што на албански значи „Сонце“.
Според Рама, ова е револуционерен потег што ќе ја направи Албанија пионер на глобално ниво. Диела ќе биде задолжена за еден од најчувствителните ресори – јавните тендери. Рама објасни дека токму таму со години се коренот на корупцијата во земјата, поради што и европската интеграција е забавена.
„Диела нема да може да биде поткупена, ниту некој ќе може да ѝ се заканува или додворува. Таа е создадена со вештачка интелигенција и ќе гарантира дека јавните набавки ќе бидат 100% ослободени од корупција,“ нагласи премиерот.
Иако визијата звучи како иднината да започнува во Албанија, експертите и аналитичарите предупредуваат дека проектот е амбициозен и непроверен. Засега не е јасно дали зад Диела ќе стојат луѓе кои ќе ја следат нејзината работа или пак целосно ќе функционира самостојно.
Интересно е што Диела не е целосно непозната – уште оваа година беше претставена како виртуелен асистент на платформата „е-Албанија“, која им помага на граѓаните да добиваат владини документи.
Реакциите во јавноста се поделени. Поддржувачите ја гледаат како историски чекор кон транспарентност и европски стандарди, додека скептиците иронично коментираат дека „дури и Диела ќе стане корумпирана во Албанија“. На социјалните мрежи се појавија бројни саркастични пораки: „Кражбите ќе продолжат, а Диела ќе биде обвинета.“
Новата влада ќе биде доставена до претседателот на Албанија во наредните денови, кој треба да ја потпише уредбата за нејзино одобрување. Со оглед на тоа што социјалистите имаат убедливо мнозинство во парламентот, гласањето ќе биде само формалност.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).