Гардијан: Вучиќ е автократ, ЕУ молчи – Србија во криза со масовни студентски протести

Студентите на улица веќе девет месеци

Британскиот весник „Гардијан“ остро го критикува молкот на Европската Унија за случувањата во Србија, каде што повеќе од девет месеци траат најголемите студентски протести во поновата историја на земјата. Демонстрантите бараат предвремени избори и нова ера на демократија и отчетност, обвинувајќи ја власта за корупција, криминал и прикривање на трагедии.

Катализатор на протестите беше трагичниот колапс на новообновената покривна конструкција на железничката станица во Нови Сад, во кој загинаа 16 лица. Несреќата, која се припишува на корупција и измами во кои е вмешана Српската напредна партија (СНС), стана симбол на отпорот и дополнително го разгневи народот.

Авторитарниот одговор на Вучиќ

Наместо дијалог и реформи, Александар Вучиќ одговори со репресија. На протестите се појавија насилни групи кои напаѓаа демонстранти и уништуваа имот на политички противници. Имаше и бројни случаи на полициска бруталност, додека властите обвинија „странски агенти“ за „увезена револуција“.

Последниот протест во Белград се одржа под мотото: „Да им покажеме дека не сме вреќа за удирање“, јасна порака до власта дека граѓаните нема да дозволат да бидат третирани како непријатели во сопствената држава.

Гардијан: Вучиќ е автократ и циник

Во својата анализа, „Гардијан“ го нарекува Вучиќ „автократ и циник“, чие влијание на Балканот е „малигно“. Весникот потсетува дека ОБСЕ утврдил неправилности и медиумска пристрасност на изборите, како и злоупотреба на државни ресурси за партиски цели.

ИНТЕРЕСНО:  Вучиќ: „Подготвен сум на ТВ дуел со студентите – време е да ги покажеме нашите лица!“

Според „Гардијан“, дома Вучиќ ја поткопува демократијата, а надвор од Србија промовира дестабилизирачка етнонационалистичка агенда – поврзана со Косово и Република Српска.

ЕУ ја има моќта, но молчи

Иако ЕУ е главен инвеститор во Србија – со над 60% од странските директни инвестиции и ветени 1,6 милијарди евра до 2027 година – Брисел молчи и го амортизира секое критичко слово кон Вучиќ. Причината, според „Гардијан“, е стравот дека Белград би можел да се приближи кон Русија.

Во меѓувреме, Вучиќ вешто балансира меѓу големите сили – овозможувајќи им на ЕУ пристап до стратешките резерви на литиум, а преку трети земји испраќа оружје и во Киев и во Москва.

Европа мора да заземе став

„Гардијан“ предупредува дека она што му е потребно на народот на Србија не е козметички дијалог, туку слободни и фер избори и крај на авторитарниот режим од последната деценија.

„Во време кога либералните вредности на ЕУ се под закана – и од Вашингтон, и од Москва и од Пекинг – Унијата мора многу посилно да се заземе за нив и за демократските реформи што се одвиваат веднаш пред нејзините граници“, заклучува весникот.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО