Блумберг: Национализмот и фашистичките симболи повторно на сцена во Хрватска преку музиката на Томпсон

Иако Хрватска за милиони туристи изгледа како совршена летна дестинација, земјата во моментот на врвот на туристичката сезона се соочува со сенките од своето темно историско минато, пишува Блумберг во обемна анализа потпишана од Јасмина Кузмановиќ и Андреа Дудик. Тие укажуваат дека ова минато сè повеќе се огледува во музичката сцена и во политичкиот живот, а во центарот на вниманието е пејачот Марко Перковиќ – Томпсон.

Во текстот се истакнува дека популарноста на Томпсон последниве години значително пораснала, а со тоа и повторното оживување на симболите и слоганите од усташкиот режим од Втората светска војна. Наместо овие појави да бидат јавно осудени, одредени високи политички функционери во Хрватска дури им даваат отворена или индиректна поддршка.

Како пример, Блумберг наведува дека кон крајот на јули околу 500.000 луѓе присуствувале на концерт на Томпсон во Загреб – бројка огромна за земја со 3,8 милиони жители. Многу од нив носеле црни маички со натпис „За дом спремни“, поздрав што го користеле усташите за време на Втората светска војна. За време на концертот, пејачот извикал „За дом!“, а публиката во еден глас одговорила „Спремни!“.

По концертот, министерот за одбрана Иван Анушиќ изјавил за телевизијата РТЛ дека „некои работи ќе почнат неповратно да се менуваат во политиката и во општеството – во целата Република Хрватска, во хрватската свест и кај хрватскиот народ“, додавајќи дека концертот е „многу повеќе од концерт“.

Авторите потсетуваат дека Хрватска економски бележи силен раст од влезот во ЕУ пред 12 години, но под површината остануваат нерешени прашања. По стекнувањето независност во 1991 година, земјата изгубила речиси една петтина од населението, а фокусот на обновата и европската интеграција оставил на страна соочувањето со историското наследство, кое го вклучува и усташкиот режим.

Историчарот Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац објаснува дека денес национализмот во Хрватска највидливо се изразува преку спортот и музиката. Иако слични десничарски движења има во Франција, Германија, Австрија и Италија, во Хрватска тие добиваат поширока општествена прифатеност преку популарната култура. Како пример се наведува песната „Бојна Чавоглаве“, која го содржи усташкиот поздрав „За дом спремни!“.

Томпсон по концертот изјавил за странските медиуми дека тој и неговата музика немаат никаква врска со нацизмот и дека ваквите обвинувања се „длабоко навредливи“ за неговиот углед. И покрај тоа, на концертот во Сињ пред 150.000 луѓе, тој повторно ја изведе „Бојна Чавоглаве“. Полицијата таму приведе десетина лица кои пееле забранети усташки песни пред настапот. Во јули, слична сцена се повторила на плажа во Лумбарда на Корчула, каде што гостите и персоналот во еден бар ја пееле истата песна, додека дел од постарите посетители заминале во знак на протест.

ИНТЕРЕСНО:  Србија купува оружје за 1,63 милијарди долари – најголем израелски договор во регионот!

Омбудсманката Тена Шимоновиќ-Ајнвалтер предупреди дека „духот е пуштен од шишето“ и дека слоганот останува неуставен, и покрај обидите за негова рехабилитација. Премиерот Андреј Пленковиќ, пак, смета дека изразот има „двојна конотација“ – негативна за жртвите на усташкиот режим, но и позитивна за ветераните од Татковинската војна. Критичарите ова го гледаат како опасно свртување кон крајната десница, особено откако минатата година Пленковиќ формираше коалиција со радикална десничарска партија за да остане на власт.

Дизајнерот Дејан Кршиќ, етнички Србин од Загреб, чиј дедо бил погубен од усташите, вели дека неговата генерација учела за војната, но се интересирала за западната култура, а не за идеолошки митови. „Проблемот со Томпсон е што тој им нуди на младите митолошка, избелена верзија на минатото како клуч за иднината“, изјави тој.

Историските факти покажуваат дека усташите биле одговорни за прогонот и убиствата на стотици илјади Срби, Евреи, Роми и антифашисти. Во поранешна Југославија, симболите на режимот биле забранети, но по падот на комунизмот и за време на Татковинската војна, паравоените единици на ХОС повторно го користеле слоганот.

Блумберг потсетува дека во 2018 година, по успехот на хрватската фудбалска репрезентација на Светското првенство, Томпсон бил поканет да настапи на пречекот во Загреб, но властите го прекинале настапот пред да го изговори спорниот поздрав. Во 2020 година, судот дозволи изведба на „Бојна Чавоглаве“ поради нејзината употреба во Татковинската војна, и покрај тоа што Уставниот суд ја прогласил паролата за нелегална.

Историчарот Бибер предупредува дека ваквите настани придонесуваат за нормализација на фашистичките симболи и дека многу млади што присуствуваат на концертите не ги разбираат последиците од нив. Слична реторика се слуша и на спортските натпревари – неодамна на меч во Сплит навивачите на Хајдук скандирале „За дом спремни!“ и „Ајмо усташе!“, поради што клубот и порано бил казнуван.

Симболите и реториката од концертите преминуваат и во политиката – на концертот во Загреб присуствувале и претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ, а премиерот Пленковиќ бил забележан на генерална проба. По концертот, пратениците Миро Буљ и Јосип Јурчевиќ го користеле слоганот во парламентот.

Анушиќ го нарече Томпсон бранител на христијанско-демократските вредности и нагласи дека концертот ги обединил младите околу патриотските теми, хероите и Татковинската војна. Од друга страна, дел од публиката, како лекарот Драган Малошевац од Осиек, тврдат дека за младите тоа е далечна историја и дека тие не ја врзуваат со вистинските злосторства од минатото.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО