Комисијата даде зелено светло: Алта банка во трка за целосно преземање на битолската банка

Српската Алта банка официјално доби дозвола да настапи со понуда за целосно преземање на Стопанска банка АД Битола. Одлуката ја донесе Комисијата за хартии од вредност на својата 65-та седница, со што банката од Белград може да купи 100% од акциите на битолската банка.

Според решението, понудата за преземање се однесува на 371.538 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка Битола. Заедно со 19.439 акции што Алта банка и поврзаните лица веќе ги поседуваат, тоа претставува целосен пакет од основната главнина на банката. Цената е утврдена на 3.777 денари по акција.

За понудата да се смета за успешна, потребно е акционерите да продадат најмалку 70,03% од акциите – односно 273.795 акции. Со тоа, Алта банка би обезбедила 75% плус една акција, што значи контрола врз институцијата.

Вкупната вредност на понудата изнесува околу 1,4 милијарди денари или 22,8 милиони евра. Ако акционерите ја прифатат, Стопанска банка Битола ќе премине во целосна сопственост на Алта банка од Србија, што ќе претставува една од поголемите трансакции во банкарскиот сектор во Македонија последниве години.

Лидерот на „Нова Република“, Ивон Величковски, јавно реагира дека најавеното преземање на Стопанска банка Битола од српската „Алте банка“ не е обична пазарна операција, туку ризик за националната безбедност на земја членка на НАТО. Неговата главна теза: сопственикот на групацијата „Алте“, Давор Мацура, за само една деценија – од менувачница до банкарски конгломерат – напредувал паралелно со политичката моќ на Александар Вучиќ, па затоа влезот во СББ има и политичко-безбедносна димензија.

Величковски потсетува дека СББ е во сопственост на Орце Камчев, кој е на „црна листа“ на САД, и дека интересот на „Алте“ се појавил откако пропаднала понудата на Комерцијална банка – поради условот лецата на американска црна листа да не можат да станат акционери во КБ. Во контекст на ослабувањето на позициите на Вучиќ во Белград и амбивалентниот однос на Владата во Скопје кон Русија и Белорусија, Величковски тврди дека дел од „белградските финансиски текови“ се пренасочуваат кон Македонија, која ризикува „ципризификација“ – претворање во офшор-порта за сомнителен капитал, слично на 1990-тите.

ИНТЕРЕСНО:  „Мирјана Најчевска: Трагедијата во Кочани – Последица на корупцијата и нефункционалниот правосуден систем!“

Како показател за близината меѓу групацијата „Алте“ и СНС, тој наведува дека сметките за струја во Белград се плаќаат на сметка на државната ЕПС во „Алте банка“, како и контроверзната приватизација (преименување на „Јубме“ во „Алте банка“) во време кога Синиша Мали бил министер за финансии. Дополнително ја набројува мрежата на фирми: „Алте Голд“, „Алте Лизинг“, градежната „Прокупак“, „Алстон“ (недвижности) – преку која се поседува „Форум Визија“ и „ABL Solvent“, па и купувањето на земјиште на IMT за голем станбен проект. „Алстон“, вели, станал сопственик и на „Даница Парк“, поврзана со парцела на деловни партнери од косовско потекло – Звонко Веселиновиќ и Милан Радоичиќ (и двајцата со сериозни контроверзии, Радоичиќ и на американска црна листа).

Величковски објаснува зошто „Нова Република“ инсистира две години на измени во Законот за спроведување рестриктивни мерки: за автоматски да се замрзнуваат средствата на лица и субјекти на црните листи на ОН, ЕУ, САД, Канада и Обединетото Кралство (по моделот „Магнитски“). Така, вели, би се спречило препакување/продавање на имот за прикривање траги на незаконски или корумпиран капитал и би се ослабиле домашните олигарси со југословенско-советски (српско-руски) врски. Според него, токму ваквите пропусти ја овозможуваат „операцијата за враќање на Северна Македонија под српска контрола“.

Тој додава дека молкот околу сериозни прашања – од „унгарски нафтови“ медиуми и српска доминација во кабелскиот етер (М-Тел, најави за 4iG), до „Томос“ од Белград наместо од Вселенската патријаршија – покажува шира „линија на потчинување“ кон Белград. Според Величковски, политиката на блокирање на евроинтеграциите на Мицкоски и молкот на Филипче за корупцијата како безбедносна закана се дел од истата матрица.

Затоа, апелира институциите – гувернер, премиер, безбедносни служби, и НАТО-државите преку своите амбасади – итно да реагираат. Влезот на „Алте“ во СББ, тврди тој, е далеку повеќе од финансиска трансакција: тоа е тест за суверенитет, владеење на правото и безбедноста на Северна Македонија.

По наши сознанија, за директор на Алте Банка се подготвува Маја Кадиевска-Војновиќ, финансиски експерт и бивш вицегувернер на НБРМ. Ќерка на Душко Кадиевски, поранешен министер во владата на Љубчо Георгиевски.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО