Коалицијата ВРЕДИ жестоко реагираше на изјавите на ДУИ/АКИ, обвинувајќи ја партијата на Али Ахмети дека нема ниту морал ниту кредибилитет да зборува за „српскиот свет“. Во соопштението се вели дека дел од раководството на ДУИ се наоѓа на меѓународни црни листи, што само по себе ја дискредитира партијата во секоја дебата за националните прашања.
„Ако некој две децении им служел на интересите на Србија, тогаш тоа се токму тие, кои денес морализираат за ’албанството‘. Колку што тие работеле за Албанците, толку Мијалков работел за правда,“ се вели во реакцијата на ВРЕДИ.
Според коалицијата, ДУИ наместо идеи за секојдневниот живот на граѓаните нуди клевети и манипулации, со што ја прикрива високата корупција. Како доказ, тие се повикуваат и на извештајот на Western Balkans Anti-Disinformation Hub, каде се предупредува за опасноста од злоупотреба на меѓуетничките односи за создавање дезинформации и тензии – стратегија која, според ВРЕДИ, е препознатлив модел на ДУИ.
Во соопштението се наведува и долга листа на „темни соработки“ на ДУИ: од поддршката на проектот „Отворен Балкан“, кој наводно бил закана за албанските интереси, до честите средби на Бујар Османи во Белград, додека во Приштина не остварил ниту една официјална посета. Како примери се наведуваат и планот од 9 точки „на штета на Косово“, фотографиите на Фатмир Бесими со српски генерали обвинети за воени злосторства, влезот на српскиот МТЕЛ на македонскиот пазар, како и обидите Тетово да се предаде на санкционираниот олигарх Дака Давидовиќ. Во списокот е вклучено и државјанството за украинскиот олигарх Онишченко, кое го потпишал Артан Груби.
Според ВРЕДИ, дури и симболиката што ја користи ДУИ – цар Душан, цар Самоил, коњите и лавовите – е дел од политиката што ја водат со години.
„Не постои ’српски свет‘, постои само свет на корупција и хаос создаден од 20 години власт. Тоа е видливо во секоја општина каде што тие владеат. Албанците заслужуваат повеќе, а денес единствената вистинска алтернатива за промена е ВРЕДИ,“ стои во заклучокот на соопштението.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).