ВМРО-Народна партија остро реагираше на, како што велат, „српскиот шовинизам кој од година во година добива нова димензија со поддршка од актуелната власт“.
Според нив, зад тоа стои „свитканата кичма“ на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, која дозволува големо-државната политика на Белград да се манифестира на штета на македонската независност и достоинство.
Партијата ја оцени како понижувачка одлуката битката на Кајмакчалан да се одбележи токму на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. „Наместо државата достоинствено да го чествува сопствениот празник, македонскиот народ мораше да сведочи на симболична симбиоза на српскиот воен наратив со македонската независност. Тоа е сериозно навредливо“, стои во нивната реакција.
Дополнителна негодување предизвикува и согласноста за поставување спомен-плоча во Новаци во чест на српскиот четник Воин Поповиќ – Војвода Вук. Според македонската историографија, тој се смета за „докажан антимакедонски четник“ чија идеолошка мисија била подредување и асимилација на македонскиот народ. „Како може државата да дозволи подигање спомен-обележје на личност која се борела против постоењето на македонскиот идентитет?“ – прашуваат од ВМРО-Народна.
Посебна загриженост предизвика појавата на паравоени групи кои годинава, обележани со црвени беретки, марширале низ улиците на Битола и низ други делови на Македонија. „Самото дефилирање е понижување на самостојноста и посебноста на македонската држава, а истовремено е и порака дека странски параструктури може да парадираат без отпор на македонска територија“, додаваат од партијата.
Со оваа реакција, ВМРО-Народна уште еднаш ја обвини власта дека со својата политика на сервилност и молк го загрозува државното достоинство и дозволува шовинистички проекти да го поткопуваат македонското национално самочувство.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).